Асфалтирање на булевар – Христијан Тодоровски Карпош (20.07.17)

Започна асфалтирањето на новоизградениот булевар Христијан Тодоровски – Карпош, во општина Бутел. Новиот дел од булеварот се гради на потегот од крстосницата со булеварот „Босна и Херцеговина“ до крстосницата со улицата „Натанаил Кучевишки“ во должина од 1.000 метри. Ова е првиот новопроектиран булевар којшто се реализира на територијата на Скопје по подолг период, додека преостанатите беа проширување на постојните улици. Новиот булевар ќе биде со вкупна ширина од 40 метри, ќе има 6 сообраќајни ленти од по 3,5 метри, а ќе има и велосипедски патеки од двете страни на булеварот со ширина од 2,5 метри. По должината на булеварот ќе има пешачки патеки од двете страни со променлива ширина, како и средишно зеленило. На новиот булевар ќе биде поставено и ново улично осветлување, односно ќе се постават 76 столба во висина од 10 метри, а ќе биде поставена и нова хоризонтална и вертикална сигнализација. Продолжувањето на оваа сообраќајница ќе им овозможи на граѓаните од населбите Радишани и Бутел уште една сообраќајна врска со центарот на градот.