Заврши трасирањето на дел на Христијан Тодоровски – Карпош

Градежните зафати околу пробивањето на новиот булевар „Христијан Тодоровски- Карпош“ во општина Бутел се во полн ек.

За реализација на овој капитален објект Градот издвои 160 милиони денари, а се очекува „Пелагонија“ од Гостивар работите да ги заврши во рок од 400 календарски денови од воведувањето во работа.

„Работите на пробивањето течат според предвидената динамика и со пробивањето се трасираат и инфраструктурните водови за нова подземна инсталација за одвод, довод, електрика и осветлување на булеварот. Новиот дел се гради од булеварот ’Босна и Херцеговина‘ до улицата ’Натанаил Кучевишки‘ во должина од 1.000 метри и ќе претставува сообраќајница со шест ленти, со средишно зеленило и пешачко-велосипедски патеки на двете страни“, објаснуваат од канцеларијата за информирање на Градот.

По завршувањето на оваа фаза ќе следи реконструкција на коловозот на постојниот булевар „Христијан Тодоровски-Карпош“ во општина Чаир. Проектот предвидува и поставување на ново улично осветлување, а ќе се реконструира потегот од улицата „Џон Кенеди“ до улицата „Рокомија“, во должина од 600 метри.

Санацијата на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ е дел од поопсежниот зафат за продолжување на оваа сообраќајница во општина Бутел, овозможувајќи им на граѓаните од населбите Радишани и Бутел уште една сообраќајна врска со центарот на градот.

Заврши трасирањето на дел на Христијан Тодоровски – Карпош